Во нашето училиште, по повод Светскиот ден на литературата за деца, ни гостуваше писателката Наташа Брезовска – Богоевска. Таа со нежен глас нѐ воведе во нејзиното творештво, кое го отсликува секојдневното доживување, размислување и однесување на децата, кои се главни ликови во нејзините дела. Учениците имаа можност да Ѝ постават прашања на авторката, на кои, таа со задоволство им одговори, а потоа, заедно со нејзина помош, твореа песна со наслов „Пролет“. Учениците од одделенска настава, боеја ликови од дела на данскиот писател за деца, Ханс Кристијан Андерсен, во чија чест, секоја година, во светот, на датумот на неговиот роденден, 2 април, се празнува Светскиот ден на литературата за деца, со цел да се промовира љубовта кон читањето кај децата и да се нагласи важноста на книгите. Средбата заврши со изработка на хамер, во кои се презентираа изработките од активностите, како и, неколку цитати, посветени на читањето книги, а со читање книги, не само што се збогатува речникот, се намалува стресот и се подобрува расположението.